Тимур Дибиров исто како и останатите соиграчи беше еуфоричен по завршување на мечот со Барселона. Руското крило не се сеќава точно како Вардар дојде до победата, вели на полувремето биле сите лути, дури и паднале пцовки во соблекувалната.

„Ако ме прашувате како победивме, искрено не знам… Не знам што се случи. Знам дека губевме седум разлика, потоа имам некаква блокада и на крај ми доаѓа само сликата како славиме на терен. Ова е навистина нешто неверојатно. Вакво нешто е историја за сите нас. Ова ни дава огромен мотив за да дојдеме до победа и во финалето и до нов трофеј. На полувремето бевме многу нервозни, не одржавме некој посебен говор, но знам дека дури летна по некој пцовка“, ни изјави Дибиров по големата победа.