Откако вчера турските медиуми неофицијално го потврдија трансферот кој „Спортмедиа“ го најави уште пред две недели (кога стана јасно дека Горан Пандев е врската на Елиф Елмас за трансфер во Италија), сега останува да се почекаат само деталите и формалното потпишување на договорот. Елмас, доколку се оди непречено со лекарските прегледи и деталите од договорот на двете страни, ќе стане петтиот македонски фудбалер кој ќе го облече интеровиот „црно-син“ дрес.

Првиот кој заигра на „Џузепе Меаца“ беше легендата на македонскиот фудбал, Дарко Панчев. Популарната „кобра“ потпиша договор со миланезите летото 1992 година кој беше вреден 7 милиони евра. Во трите сезони поминати во Милано, Панчев одигра само 19 меча за Интер притоа постигнувајќи 3 гола.

Во 2001 година уште како младинци, дресот на Интер го облекоа и струмичаните Горан Пандев и Ацо Стојков. Поминаа 4 формални години во регистарските картони на италијанскиот великан, но најчесто играа на позајмица во други клубови. За разлика од Стојков, кој не успеа да одигра ниту еден официјален меч за миланезите, Пандев се врати на „Џузепе Меаца“ во 2009 година и блесна под водство на Жозе Мурињо, освојувајќи го и трофејот од Лигата на шампионите во 2010 година. Пандев стана легенда на миланскиот тим за кој во две сезони одигра 47 меча и постигна 5 гола.

Македонската колонија во Интер ја надополнува и Горан Славковски. Дојде во Милано од Шведска во 2005 година и беше сметан за еден од големите таленти на Интер. За 4 години колку што беше регистриран за Интер имаше среќа да заигра само на еден натпревар.

Сега е шансата на Елмас. Ако биде комплетиран најавениот трансфер, тоа ќе биде петтиот Македонец во дресот на миланскиот гигант. Со оглед на талентот и игрите кои ги прикажа досега, не се сомневаме дека може да ги надмине и успесите на Гранде Пандев!