Еден од хероите на вечерашниот меч Стојанче Стоилов открива дека немало некој специјален договор на полувремето во моменти кога Вардар беше во неповолна ситуација. Барса доминираше, но во второто полувреме „црвено-црните“ магично се вратија и го победија големиот фаворит.

„Немаше некој посебен говор на полувреме. Ние знаеме дека можеме да се вратиме во секој момент. Едноставно, такви играчи имаме во екипата. Сите знаат да потегнат, сите знаат да одиграат брзо. Мислам дека неправедно губевме со седум разлика, имавме многу промашени зицери, стативата и пречката ја погодивме пет-шест пати… се одеше во нивна полза. Во второто полувреме продолживме со нашиот ритам и гол за гол, гол за гол, притискавме и на крај ни се отвори шанса да победиме и ја искористивме“, изјави Стоилов.

„Зошто да не направиме уште едно чудо. Го победивме најдобриот тим во Европа. Сега Веспрем нека мисли за нас, а не ние за нив. Ќе дадеме се од себе за да го добиеме и тој меч“, вели Столе кој за магичниот пресврт вели:

„Ова го велам со години, ова е тим со карактер, со победнички менталитет. Такви се момците. Тие сакаат да победат во најмали работи, а не пак на Ф4.  Овие момци се херои“, додаде Стоилов.