Барселона успеја да се консолидира по поразот од Вардар во полуфиналето и во мечот за трето место на Ф4 во Келн, дојде до бронзениот медал, славејќи над Келце со 40:35 (20:16).

Ракометарите на полскиот првак не успеаја на соодветен начин да му го честитаат 51. роденден на својот стратег Талант Душебаев и со два порази во „Ланксес“ арената се одјавуваат сезонава.

Келце беше рамноправен само воведните четири минути за потоа Барселона да превземе се во свои раце и константно да држи резултатска контрола. Од највисоки 18:13 во првиот дел, до 20:16 на полувремето.

Ништо не се смени во вториот дел. Каталонскиот гигант ја користеше секоја шанса да ја зголеми предноста, која се искачи на највисоки плус шест (26:20, 29:23). Не им пречеше на Шпанците ниту исклучувањето на Дос Сантос (црвен картон, поради трето исклучување) и се радуваа со 40:35.

Дика Мем со 8 гола и Јуре Доленец со 7/7 погодоци ја предводеа Барселона, како и Перез де Вардас со 16 одбрани. Кај Келце Морито постигна десет погодоци.