Дефинитивно во сенка е првиот бараж натпревар на женската сениорска репрезентација на Македонија против Словенија, вечерва (20:30 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, со оглед на тоа дека сите погледи се насочени кон Келн, каде Вардар го игра финалето против Веспрем на Ф4 во Лигата на шампионите.

Дамите се надеваат дека чудото од Келн ќе се пресели и во Скопје, односно дека нашите репрезентативки ќе го направи првиот чекор кон Светското првенство годинава во Јапонија.

Со благ оптимизам, со противник со кој може да се надигруваат и со желба конечно и женскиот репрезентативен ракомет да се врати на големата сцена, селекторот Симе Симовски и девојките го чекаат мечот со Словенија.

„Најважно е да ја играме нашата игра. Мирно, дисциплинирано, да го спроведеме договореното. Таквата игра ќе донесе и добар резултат“, верува селекторот Симе Симовски.

Натпреварот е со почеток од 20:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“, а ќе има и директен пренос на ТВ Телма.