Европскиот првак Вардар и македонските ракометни фанови и натаму ја слават новата европска шампионска титула, а ЕХФ веќе ги најави подготовките, планот и програмата за следната елитна сезона, во која се поизвесно е дека „црвено-црните“ ќе ја бранат круната.

Лигата на шампионите исто така ќе број 28 екипи, кои ќе играат според истиот натпреварувачки систем како и досега. Пријавувањето на клубовите за настап во најсилното европско клупско натпреварување трае до 12 јуни (среда), а Македонија има право на еден претставник, секако за првакот на Европа, Вардар.

До 25 јуни ЕХФ треба да донесе одлука за финалниот изглед на клубови, кои ја исполнуваат долгата листа на критериуми (сала, ТВ, национален ранкинг, публика, претходни настапи, спонзорства…)  и кои ќе се најдат меѓу 16 екипи во групите А и Б, односно останатите 12 тимови во Ц и Д.

На 27 јуни, пак ќе се одржи ждрепката за групната фаза во Лигата на шампионите, додека новата сезона ќе стартува во периодот од 11 до 15 септември и ќе трае до 26 февруари-1 март, со двомесечна пауза декември-јануари поради ЕУРО 2020. Потоа ќе следува осминафиналето (18-29 март 2020), односно четвртфиналните дуели (25 април – 3 мај 2020). Ф4 во Келн во новата елитна сезона е предвиден за 30-31 мај 2020.