Ракометарите на Вардар од денеска се слободни. „Црвено-црните“ момци ја завршија 48-часовната „фешта“ по кревањето на пехарот во Лигата на шампионите, а Шпанецот Роберто Гарсија Парондо ги распушта на најдобар можен начин – како европски прваци!

Од денеска секој играч ќе го фати својот пат, а најголемиот дел од вардарците ќе им се посветат на репрезентативните обврски кои им претстојат во неделата на ЕХФ и во последниот круг натпревари од циклусот квалификации за ЕУРО 2020.

Веќе е познато дека покрај стратегот Роберто Парондо, кој од следната сезона ќе биде селектор на Египет, на новиот собир во јули веќе нема да ги видиме Игор Карачиќ (Келце), Рожерио Мораес (Веспрем), Дејан Милосављев (Фуксе Берлин), ниту руските репрезентативци Глеб Калараш и Дмитри Кисељев, како и Јања Војводиќ.

Што се однесува до останатите ракометари, тие веќе почнаа да го најавуваат своето останување во „црвено-црните“ редови, со оглед на тоа дека ситуацијата е добра и дека најавите за црно сценарио се веќе минато.