Првиот човек на македонскиот фудбал, Муамед Сејдини му честиташе на Џани Инфантино за добиената доверба, односно ре-изборот за претседател на ФИФА и нов мандат, до 2023. година, на 69. Конгрес на ФИФА, кој се одржа во Париз.

„Во име на ФФМ и мое лично би сакал да му честитам на изборот на Џани Инфантино и да посакам многу среќа и успех во работата. Не се сомневам дека во тоа ќе има полна поддршка од Извршниот комитет на ФИФА, како и од членките асоцијации на Светската фудбалска асоцијација, меѓу нив, секако и Фудбалската федерација на Македонија. Џани се докажа како исклучителен лидер на ФИФА, заедно со неговиот тим и администрацијата на ФИФА постигнаа одлични резултати и успеси во проектите и убеден сум дека во таа насока ќе продолжи, изјави Муамед Сејдини, претседател на ФФМ.

По изборот за претседател на ФФМ на Муамед Сејдини, првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино упати честитка со напомена дека ФФМ секогаш може да смета на негова лична и поддршка на ФИФА со цел да се остварат целите на ФФМ.

„Уверени сме дека вашето знаење, лидерство и искуство претходно и како в.д. претседател на ФФМ, потпретседател и член на Управниот одбор на федерацијата, секако ќе има позитивно влијание за понатамошниот развој на фудбалската игра во вашата држава. Вие секогаш може да сметате на моја лична поддршка и секако поддршка од ФИФА сѐ со цел да го остварите зацртаното. Вратите на нашата организација секогаш ќе ви бидат отворени за разговори кои можат да придонесат за развој на нашата игра, стоеше во честитката до Муамед Сејдини.