Роберт Левандовски и другарите утре гостуваат во Скопје. Тоа е моментално најдобрата селекција од нашата група, а нашиот селектор Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев ги искажаа своите очекувања. Најпрво Ангеловски се осврна на Левандовски.

„Левандовски е добар играч, но играме со тим, а не со индивидуалец. Така се справуваме со сите“, изјави Ангеловски.

Селекторот вели дека нема да се менува концепцијата, и дека против Полска ќе се игра исто така агресивно и напаѓачки.

„Она што е добро не треба да се менува, неколку пати изјавив дека сум среќен како човек и тренер што работам со вакви личности, задоволство е да се работи во таква атмосфера, како претходно така и утре, ќе излеземе да се бориме со позитивен резултат, јас верувам дека играчите ќе го дадат последниот атом, да стигнеме до позитивен резултат против еден квалитетен противник. Една таква селекција ни буди мотиви да дадеме максимум. Ќе играме и против Полска агресивно и напаѓачки, тоа е нашиот концепт од кој нема да отстпаиме“, изјави селекторот.