Кога станува збор за Роберт Левандовски и дуелите против него, нема подобар соговорник од Николче Новески. Тој како играч на Мајнц неколку пати го победил најопасниот полски голгетер и додека беше дел од Борусија Дортмунд, а само една сезона мина во Баерн Минхен кога Новески објави крај на кариерата.

Тој за „Спортмедиа“ ги советуваше нашите репрезентативци што треба да направат за да го сопрат Левандовски.

„Напаѓач од светска класа. Има свои моменти кога е отсечен, е тогаш, верувајте е најопасен. Значи мора сите од одбраната да внимаваат на него од прв до последен, и тоа од првата до последната минута. Сите ги знеме неговите квалитети, ќе биде најопасен по нашиот гол. Сите голгетери понекогаш и немаат свој ден, јас верувам дека тоа на Левандовски ќе му се случи токму вечерва“, изјави Новески.

Тој се осврна на полската репрезентација, но и на формата на нашата селекција.

„Полска не е атрактивна селекција но е многу опасна. Меѓутоа сметам дека Македонија може да парира. Оваа генерација има потенцијал, и ова е првата шанса која мора да се искористи. Мислам дека сме добро компонирани, и мислам дека нашите ќе имаат добар мотив и услови за еден добар резултат вечерва“, рече Новески кој вечерва ќе биде поддршка на националниот тим во пресметката со Полска од трибините на „Арената“.