Ќатип Османи, стратегот на шампионот Шкендија за СПОРТМЕДИА даде една куса стручна анализа на вечерашниот натпревар.

„Израмнет натпревар, многу тактика од двете страни, едно мало невнимание при корнерот од наша страна и победа на Полска. Не би рекол дека е апсолутно заслужено, но некогаш на ваквите мечеви победуваат оние кои ќе си ги користат своите шанси, некогаш и најмалите. Ние нашите не успеавме да ги искористиме.

Мислам дека Ангеловски, откако се виде со која формација ќе игра, како намерно да им ја препушти иницијативата на гостите, за да од контри и полуконтри се обидувавме да дојдеме до ивниот гол. И тоа добро функционираше, се до голот. Потоа тој смени, направи три измени, успеавме да нападнеме, да се заканиме, но попусто. Полска се покажа како силна репрезентација, знаеја гостите што сакаат и знаеја како да дојдат до целта. Мислам дека освен тоа мало невнимание во 47. минута, одбраната беше сигурна, одлична на моменти. А имаше тешка задача да игра против еден Левандовски на пример. И покрај поразот шансите за тоа второ место на табелата не се загубени, момци главата горе, вие имате квалитет да ја победите Австрија во понеделник. Јас само ви посакувам многу среќа“ изјави за СПОРТМЕДИА стратегот на Шкендија.