Играчот од средниот ред на македонскиот национален тим Бобан Николов го оцени својот настап и настапот на своите соиграчи за катастрофален. Јасно е дека се разочарани сите во екипата но, според него, најважно е да не се распадне тимскиот дух.

„Честитки до противникот заслужено си победи. Ова е катастрофа. Се надевам дека што побрзо ќе го заборавиме овој меч. Тешко ни е на сите. Поведовме, се беше на наша страна и потоа се сврте натпреварот во обратна насока. Место да си држиме позади и да чекаме од контра напади да ги казниме… Австријците доминираа на теренот. Ваква доминација против нас немале ни Италија, ни Шпанија. Сега треба да ги оладиме главите, жалам за публиката што ја разочаравме“, изјави играчот на Мол Види.

 

„Треба да останеме фамилија. Кога е најтешко се гледаат вистинските другари. Најважно е сега да не се распаднеме. Стопати до сега кажував дека оваа репрезентација многу ветува, но треба тоа да го покажува на теренот и да се свестиме, да се приземјиме. Жал ми е за сето ова што се случи“, заврши Николов.