Со задоцнување од речиси две недели, денеска раководството на ФК Победа одржа прес конференција со цел да ја запознае јавноста околу причините за испаѓањето на клубот од Првата лига. На пресот говореше в.д.претседателот на клубот Миле Спиркоски. За тие што објавија дека тој денеска е поставен на оваа функција, да им кажеме дека Спиркоски е вршител на должноста прв човек од 27 март. Колку да си знаат.

„Како главна причина за неуспехот е тоа што ние веќе три години не можеме да го користиме домашниот терен. И поради тоа во овој период според мои груби пресметки, сме загубиле околу 600.000 евра. По 200.000 за секоја сезона. Да не говорам за тоа дека ја немаме таа помош од фановите кога ни е најтешко“ истакна Спиркоски.

СУДИИТЕ БЕА ПРОТИВ НАС…

Тој посочи дека и судиите, посебно во финишот суделе апла против ФК Победа.

„Тоа беше највидливо на решавачкиот меч со Силекс кога бевме драстично оштетени. И кога веќе ги загубивме сите шанса за опстанок, дел од играчите поради тоа што немаа добиено плата подолго време, едноставно не играа за ФК Победа, па затоа моравме да настапиме со младинци, и затоа се тие резултати кои што се. Не е тајна дека бевме и сме во финансиски минус, посебно тоа беше евидентно во април месец кога ни требаа најмногу финансии. Може да се пофалам дека откако сум јас во клубот нов долг нема, тој е и намален, но исто така стариот долг останува и треба да се преземе нешто под итно“.

ТЕРЕНОТ Е ПРОБЛЕМ, КОЈ Е ВИНОВЕН?

Спиркоски се осврна и на теренот…

„Јас навистина не разбирам кој е виновен за тоа што теренот на стадионот „Гоце Делчев“ не е реновиран веќе три години. Не сакам да кажам кој е навистина виновен, но некои работи се симптоматични“.

Кога сме кај теренот да кажеме дека клубот, односно надлежните кои стопанисуваат со објектот, така барем велат нашите информации. добиле средства за теренот од страна на ФФМ преку хеттрик програмата за реконструкција на повеќе стадиони, како оние во Тетово, Штип, Битола. Но зошто Прилеп нема нов терен, е за тоа треба самите да се запрашаат.

ЛЕСНО МОЖЕ ДВЕТЕ ПОБЕДИ ДА ГИ СНЕМА

Првиот човек на Победа посочи и дека оваа ФК Победа е нов субјект и дека никаква врска со таа старата, добро познатата Победа.

„Тука нема дилеми, тоа е точно. Таа стара Победа требаше минатата сезона да влезе автоматски во Првата лига, но тоа не се случи. Сакам да кажам на крај дека ако некои работи под итно не се променат тогаш лесно може да се случи и двете Победи да ги снема, односно фудбалски Прилеп да остане без својот препознатлив белег“ истакна покрај другото Миле Спиркоски.