Пишува: Зоран Ѓоршоски

И веднаш, не е срамно да се загуби од една силна Австрија, туку повеќе е срамно на кој начин тоа се случи. Реално Австрија е нешто многу над нас. Тоа го кажаа и репрезентативците во своите изјави, признаваат дека се шокирани, дека и тие не се надевале ниту во најцрните соништа на нешто слично. Но, тоа беше, сега што правиме? Што сега треба да се направи?

Синоќа се виде дека имаме проблеми во сите делови во тимот, освен на голманската позиција каде ако не беше Столе ќе доживеавме катастрофа. Одбраната, онаа потесна составена од Велковски и Бејтулаи, едноставно правеше многу „дупки“. Па само во првите неколку минути гостите имаа три зицери. И сега е дефинитивно јасно дека и едниот и другиот се многу подобри кога покрај нив е Висар Муслиу. Се виде дека и Алиоски и дефинитивно не е за во одбрана. Ристовски се трудеше, но бадијала. Средниот ред освен некоја потенцирана борбеност или сакање тоа да се прикаже како борбеност ништо не стори. Шокантна беше депримираноста кај Николов по мечот. И кога е така во средниот ред тогаш и нападот е безопасен, статичен, без посебна идеја. Има тука уште многу да се говори, но ете дојдовме и до селекторот Ангеловски. Тој со таа формација 4-4-2 буквално успеа сите да ги изненади, но  не успеа во тоа да ги изненади и австријците. Премногу бевме отворени, а кога играш против една силна, пресилна Австрија секако дека такво нешто можеше и да се очекува. Јасно е дека Мрме по поразот од Полска тргна на се или ништо со Австрија, но премореноста, истоштеноста, повредениот Елмас, бледиот Барди и уште неколку фактори доведоа до тоа што доведоа. Сега сите ќе велат дали ќе беше подобро да игравме во формација 3-5-2, дали имаше место за Хасани, за Трајковски или некоја друга варијанта. Лично мислење на авторот на овој текст е дека и тогаш ќе бевме поразени, можеби само впечатокот немаше да биде толку лош.

Сега главата долу, да почнеме со работа што би рекол Ристовски и помалку да се чаталиме. Оваа Македонија синоќа  покажа дека има многу фалинки, дека некои играчи треба да се замислат, додека други кои не се тој список од 25 играчи мора да бидат повикани. Секако дека две загубени битки не значат и загубена „војна“, реално нашата „војна“ ќе биде онаа со Косово во баражот во ЛН следниот март, но уште сега мораме некои работи под итно да смениме.

И после се ова лично мене најмногу ме боли тоа што Арнаутовиќ и Драговиќ малку на шега истакнаа по мечот дека требало да биде 8:1 или 9:1. Реално така и беше… но сепак боли. Веројатно боли повеќе и тоа кога ќе се соочиш со реалноста. Да, премногу високо летнавме, сите ние ја направивме оваа селекција како да е непобедлива, како да е екстра силна. И на првата пречка за само три дена, се сопнавме, удривме со лицето на земја. Токму затоа разочарувањето е многу поголемо.

Сега доаѓаме до тоа главното…до прашањето што сега? Но на тоа треба одговор да дадат сите што се во репрезентацијата, пред се селекторот и фубалерите. Мое лично мислење е дека ние имаме квалитет, условите се феноменални кои ги овозможува Федерацијата, и јасно… нема предавање.

Но со малку повеќе памет во главата…допрва претстојат решавачките битки. Таа Лига на Нации е таа „наша приказна“ да бидеме објективни и реални.

И да, да почнат малку размрдувања со составот. Мора малку свежа крв, некои рокади, некои поместувања. Наше е да укажеме а селекторот Ангеловски и репрезентативците да го прифатат или одбијат тоа укажување.

Сега е време „стручњаците“ да „пукаат“. Лесно е сега да се фрла со дрва и камења по „виновниците“, но какво фајде од тоа. Кога станува збор за националната селекција тоа треба сосема поинаку да се потенцира низ факти и укажувања.

Да се надеваме дека оваа лекција ја научивме, иако беше брутална сепак се чини дојде во вистинско време.