Страшен јуни за националниот тим. Поразот од Полска (0:1) беше кобен, но овој од Австрија (1:4),  катастрофален и понижувачки. Прегазени беа момците на селекторот Игор Ангеловски. Две битки во Скопје и двете – загубени. Два важни дуели за нашиот национален тим и две тешки „нули“.

Не е добро…! Колата оди во надолна линија. Стана јасно дека овој наш тим можеби е добар но е недоволно добар за големи резултати со големи селекции какви што се Полска и Австрија.

Суштината е во тоа што ова е национален тим! Тука мора да има место само за најдобрите. Во националниот тим секогаш играат и треба да играат само оние кои во моментов се најдобри. Тука може да мине минат труд кај Пандев и кај никој друг. Се надеваме дека по ова издание со Полска и Австрија кај Ангеловски има појасна слика за квалитетите на одредени играчи но и за квалитетите кај оние што се на клупа а им се треста нозете ако треба да влезат на терен. И во тоа е поентата. Барем 5-6 фудбалери се свесни дека местото не им е во оваа селекција. Дека се само за потполнување место, за тренинзи и за ништо други. Некои се дури и резерва во своите клубово но со години се во репрезентацијата.

Ај да не се правело малери, да биле истите… Но ете доаѓа и денот кога на теренот не оди, стартерите  се уморни, не се во форма а овие на клупата немаат капацитет да променат нешто повеќе.

Без разлика на тоа што било, како било…

Факт е дека најскапиот играч кој на Македонија во моментов е Адис Јахович со месечна плата од 120.000 евра во Коњаспор. Не игра во репрезентацијата, не е тука. Има вина и кај него. Комплекси, суети… Но потребен е!

Треба конкуренција во одбраната! Од она што би можело да биде нешто ново, Коста Менев од Вардар кој треба да се проба. Да се обидеме со Жуниор од Шкендија како освежување во офанзивата. Бразилецот исполнува критериуми за добивање пасош. Потребна е конкуренција а не статисти. Лев бек нема ни за лек. Несмасно го загубивме Бесир Демири, Жута игра во силна лига но ништо не игра кога е во репрезентација. Поинаку ќе биде со здрави Тричковски и Спировски.

И дали сме свесни какви ќе бидеме следната година кога Горан Пандев ќе каже збогум. И со 35 години тој е носителот на овој наш државен тим.

Потребно е да заигра „метлата“ во националниот тим. Потребна е здрава и силна конкуренција. Вака беше и во времето на Катанец. Истите, фудбалери, иста игра… дојдоа резултати но потоа ни се случи „распад систем“. Наместо да одиме во нагорна линија ние паѓаме! Не ни треба тоа сега иако наш приоритет е мај 2020 и баражот за пласман на ЕП 2020 преку Лигата на нации.

Сега ни останува да се спремаме за тој настан. Во овие квалификации ќе биде тешко за сензација затоа што од 4 кола и три домашни дуели имаме само 4 бодови.

Да навиваме и за Косово кое е прејако!!!  Потребна ни е нивната формула на успехот.  Би било супер  нашиот сосед  да се пласира директно на ЕП преку групата од актуелниве квалификации. Во тој случај така во 1/2 финалето од Лигата на нации да играме со Азербејџан а потоа во мечот за историја против подобриот од Грузија и Белорусија на неутрален терен.

Секоја критика кон националниот тим во моментов е очекувана но има и претерани кои бараат радикални мерки. Потребно е да се спуштиме на земја. Да се одмориме и од септември да тргнеме во подготовка за мајското лудило во 2020.

Фудбалерите имаат време да се подговат во клубовите, оние кои немаат да си најдат средини каде што ќе играат а оние кои играат и вредат нешто под итно да се вратат во дресот со државниот грб.

Немаме време за експерименти! Да се темпира формата за она што реално го можеме!