Клупата на Работнички станува се помала. По повредата на Димитар Мираковски, стратегот на Марин Докузовски на стартот на вечерашниот меч остана без Димитар Караџовски, па немаше премногу избор. Токму кратката ротација на играчи беше една од причините поради кои тимот од „Градски парк“ падна во последната четвртина, не успеа да израмни и да ја врати неизвесноста на финалната серија.

„За мене, како тренер ова беше различен од минатиот. Морам да ги пофалам играчите, тие изгинаа на терен. Јас сум тренер, тоа ми е работа, мора да ги карам кога играат лошо, мора да ги фалам кога се добри. Голем хендикеп за нас беа повредите, нормално беше да снемаме и сили. Му честитам на МЗТ на победата, имаат поголем ростер од нас. Да беше Караџовски во тимот можеби ќе имавме повеќе шанси да победиме, меѓутоа тој се повреди, останавме без Стајиќ поради пет лични и тука падна нашата игра. Уште пред да почне финалето, кажав дека МЗТ е фаворит со нас, меѓутоа Работнички како екипа мора да оди до крај. Јас затоа бев лут на претходниот меч затоа што не беше така. За денес немам забелешки. Јасно е дека МЗТ има десет играчи, има ротација и ќе биде уште потешко за нас. За мене важно е да излеземе на терен и да се бориме, а ако МЗТ е подобар, ќе му честитаме, тоа е дел од спортот“, рече Докузовски.