МЗТ Скопје е на чекор до титулата, го совлада Работнички на гости со 60-69 (21-15, 17-17, 12-15, 10-22) и поведе со 2-0 во финалната серија прв до три победи. Избраниците на Ѓорѓи Кочов губеа цели 35. минути, го најдоа начинот да се вратат, ги искорстија оние црни минути на противникот и со цел плен си заминуваат во СЦ „Јане Сандански“ каде во четврток може да ја прослават титулата.
Дамјан Стојановски со 16 поени беше прв стрелец, по десет поени имаа Иванов и Медфорд, на другата страна Костов имаше 19 поени.
Дуелот почна речиси исто како и претходниот, Работнички рано дојде до двоцифрено водство во седмата минута беше 19-9. Со серијата од 6-2, МЗТ Скопје намали на 21-15 по првата четвртина.
Јанески на стартот на вториот период не реализираше за ново двоцифрено водство, гостите упорно напаѓаа го искористија падот на противникот. Во 14. минута при 27-20 ја вратија неизвесноста 27-27. Ефремовски, џокерот на Докузовски со две тројки го врати Работнички. Намерна на Симоновски и слободно на Чековски за 35-27. На полувремето беше 38-32, Работнички имаше постигнато девет тројки.
По одморот, МЗТ Скопје на двапат дојде на многу близу да направи пресврт и да поведе за првпат на мечот. Прво 25. минута по поените на Самарџиски (43-41), а потоа на нецели три минути до крајот на третата четвртина исто благодарение на истиот кошаркар 48-47.
Последниот и решавачки почна изедначено 50-50, она што е најважно Јанески на момент само го разби малерот од претходната средба, веднаш постигна тројка за 53-50, а по техничката на Иванов, Костов реализираше за 54-50. Следеа две и пол минути без поени на двете страни. Капитенот Стојановски со четири поени во низа се избори за нов изедначување на 54-54 на пет минути до крајот.
Докузовски повика тајм-аут, но не вроди плод, Работнички загуби топка, МЗТ Скопје влезе во ритам на 3:21 до крајот се искачи на плус осум 53-62. Домашниот тим цели пет минути беше без постигнат кош, „црвено-белите“ влегуваа од грешка во грешка, не ја научија лекцијата, па токму затоа одбраната на титулата е се подалечна.