Репрезентацијата на Македонија во женски фудбал ја добива најдобрата на сите времиња. Наташа Андонова од денеска е со своите колешки од националниот тим на собирот во Охрид, пред престојните два пријателски меча со Албанија.

Фудбалерката на Барселона се враќа во националниот тим по разговорот со претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини пред неколку недели во Будимпешта каде Андонова со својот клуб го играше финалето од Лигата на шампионките против Лион.

Со враќањето на Андонова се враќа и капитенската лента на нејзината рака. Таа три годни не играше во националниот тим, поради одредени несогласувања.

Се најавува дека покрај Андонова ќе се врати и Гентијана Рочи. Со овие две фудбалерки националниот тим ќе биде далеку посилен пред стартот на квалификациите за ЕП кои почнуваат во септември. Воедно се очекува да се врати и редот и дисциплината во репрезентацијата, но и крај на хаосот со сомнителните натпревари на репрезентацијата која како и поголемиот дел од женскиот фудбал во земјава со години беа или се управувани од нефудбалски структури. Од тие причини нашата женска фудбалска репрезентација беше под мраз и две години не се натпреваруваше и не беше дел од претходните квалификации.

Тест дуелите со Албанија се играат на 13 јуни во Елбасан и на 16 јуни во Охрид.