Најдобрата машка ракометна репрезентација утринава со чартер лет патува за Турција, односно Ескишекир, каде утре попладне, 18 часот, ќе се соочи со домаќинот, во претпоследното коло од групата три од циклусот за ЕУРО 2020.

Селекцијата попладнево ќе одржи и тренинг во салата „Порсук“ каде утре ќе се соочи со Турција.

Македонија квалификациите за ЕУРО 2020 ги отвори токму со победа над Турција во Битола (31:27), а сега има шанса на ова гостување да дојде до победа која може да ни го најави и првото место во групата, односно да ја чекаме ждрепката најмалку од вториот шешир.

Селекторот Данило Брестовац за ова гостување одлучи да смета на услугите на голманите Ристовски и Митревски, секако капитенот Лазаров ќе го предводи тимот, заедно со Маџовски, Димитриоски, Георгиевски, Костески, В. Маркоски, Талески, Кузмановски, Танкоски, Јагуриновски, Кукоски, како и пикерите Стоилов, Пешевски и Н. Маркоски.