Со едноставна формула машкиот национален тим влегува во претпоследниот меч од квалификациите за ЕУРО 2020 – фаворит на хартија, фаворит на терен, попладнево (18 часот) на гостувањето кај Турција.

Барем тоа е она што ќе го бара селекторот Данило Брестовац, кој се надева дека неговите момци извлекле голема поука од непријатностите со кои се соочија во Кожани пред неколку месеци.

„Два тренинзи одработивме комплетни и верувам дека подготвени ќе го дочекаме дуелот со Турција, кој сметам дека е одлучувачки за првото место во групата три. Не бегаме од фаворитската улога, но ќе барам од играчите ако сме фаворити на хартија, тоа да го потврдиме и на теренот. Турција е коректна репрезентација, која е далеку од нашиот квалитет, но ќе напоменам дека многу работи ќе зависат од тоа со каква сериозност ние ќе влеземе во натпреварот и каков ќе биде нашиот однос во текот на истиот. Верувам дека поразот од Грција на гости беше голема поука за сите и дека ќе влеземе максимално концентрирано и нема да си дозволиме да имаме проблеми. Победа и прво место во групата“, тоа е она во што верува и што го посакува селекторот на Македонија, Данило Брестовац.

Во тимот го нема крилото Дејан Манасков, поради повреда, познато е дека Стоилов ќе стисне заби поради проблеми со коленото, а имаше и уште неколку други здравствени проблеми.

„Крај на сезона е, сите имаат некои ситни повреди и проблеми, но се трудиме колку што може сите да ги поштедиме по малку. Напоменав дека Турција е далеку од нашиот квалитет и се надевам дека ќе имаме простор за две-три ротации со кои ќе ја избалансираме играта. Но, секако, однапред не може ништо да се прогнозира. Кога ќе почне натпреварот ќе знаеме“, заклучува Брестовац.

Натпреварот меѓу Турција и Македонија започнува во 18 часот по македонско време и ќе има директен телевизиски пренос на Телма.