Ненад Монев, генералниот секретар на ФК Работнички – Скопје, пред некој ден успешно ја заврши двегодишната обука, организирана од страна на ЕКА и УЕФА. Монев и ФК Работнички, рамо до рамо со своите колеги од големите европски фудбалски гиганти како Арсенал, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Јувентус, Интер, Рома, Селтик, Бенфика и други, изминативе две години беше избран како еден од 30-те најперспективни млади клубски менаџери од цела Европа. Преку менаџмент и бизнис модулите кои беа организирани во Торино, Билбао, Лондон, Њу Јорк, Атина, Пекинг, Виена и Стокхолм, се здоби со големо знаење и непроценливо искуство во полето на фудбалскиот менаџмент и водењето на фудбалските клубови.

Со завршните тестирања и интервјуа на Бизнис Универзитетот во Стокхолм, долгогодишен партнер на ЕКА и УЕФА, се здоби со една од најпрестижните дипломи во фудбалот денеска. На церемонијата на доделувањето на дипломите, искрено се произнесе пред големите европски фудбалски клубови:

“Ми беше големо задоволство да бидам дел од оваа едукативна програма на ЕКА. Кога дојдов во ФК Работнички пред 9 години, не очекував дека еден ден јас, мојот клуб и мојата Македонија, ќе бидеме дел од ова големо европско фудбалско семејство и ќе стојам тука заедно со сите вас како мои фудбалски колеги и пред се пријатели. Ова беше одлично искуство и она што го создадовме меѓу нас, никогаш нема да исчезне! Повторно ќе се  видиме, наскоро”

Монев е повеќегодишен активен член на Европската Клупска Асоцијација (ЕКА), каде Претседател е Андреа Ањели, Претседателот на Јувентус, каде со својата посветост и работа во оваа организација, заедно со најуспешните клубови од Европа, е директно инволвиран во развојот на европскиот фудбал во иднина и револуционерните промени во европските натпреварувања на УЕФА кои следат во иднина.

Ова преставува доказ дека од Македонија, покрај квалитетните играчи и тренери, во европскиот фудбал успешно работат и  фудбалските клубски административци (менаџери).