Победничката низа која машката сениорска репрезентација на Македонија ја има кога станува збор за меѓусебните дуели со Турција (немаме пораз, ниту реми со овој ривал) се посакува да се продолжи и попладнево, 18 часот, во Ескишехир, каде двете селекции ќе се соочат во претпоследното коло од групата три во квалификациите за ЕУРО 2020.

Македонија поради одличната статистика, но и поради играчкиот кадар и квалитет влегува како голем фаворит, а и бодовите од овој дуел ни се потребни за од највисоката позиција во групата да ја дочекаме ждрепката, а од таму и подобро друштво во групната фаза од континенталниот собир.

Турција е коректен противник, тоа го презентираше и на отворањето на циклусот во Битола (31:27), но се ќе зависи од нашата игра, односно колку избраниците на Данило Брестовац ќе му дозволат на противникот да нападне со „оружјето“ кое го поседува. Ако се мачиме како во првиот дуел, тогаш ќе биде тешко, но доколку оној болен пораз од Грција на гости биде поука и Македонија се покаже во вистинско светло, тогаш јасно е кој ќе го има главниот збор во Ексишехир.

Во ростерот го немаме Дејан Манасков, имаме проблеми со Стоилов, Ристовски, како и неколку ситни повреди, но нашите редови се мобилизираат и предводени од капитенот Кирил Лазаров (најдобар втор стрелец во квалификациите во моментовв) атакуваме на нова, трета победа во групата, која ќе значи и прво место во групата три.