Ако мислевме дека со поразот од Грција го допревме дното, тогаш се излажавме, затоа што сме можеле и полошо, но искуството беше она кое не спаси од нов срам, па се извлековме на гостувањето во Турција и дојдовме до нов ЕУРО билет.

Бевме лоши – ДА, очајни на моменти, некреативни, конфузни како во нападот, така и во одбраната, како репрезентацијата да мора од редот да го мине и ова гостување, а за возврат добивме нов „шлаканица“ и потврда на она добро познатото, денеска сите играат ракомет.

Турција ги бараше своите шанси за премиерен пласман на едно континентално натпрреварување и ги имаше се до последните секунди, кога им пресуди Никола Митревски со одбраната на последниот удар. Токму Митревски кој во второто полувреме го замине Борко Ристовски на голот, кој неподготвен го пречека ова гостување, беше една од светлите точки. Можеби статистички нема многу, пет одбрани, но секоја од нив беше во вистинско време и секако за континентален печат.

Втор на позитивната листа е Стојанче Стоилов. Кружниот напаѓач кој пред десетина дена ја освои Лигата на шампионите со Вардар и кој одлучи да стисне заби и да ја одложи операцијата на менискусот за некој ден, нервите ги „искорна“ на овој меч. А, одигра машки, впрочем во негов стил. Двајца-тројца Турци мораа да одат на него за да го запрат, ниту 15. минути од мечот не беа минати, а тој веќе имаше искинат дрес. Отвораше простор за бековите, изнудуваше седмерци, асистираше и погодуваше… И со право беше нервозен. Не може пред една недела да ја покори Европа, а сега да се мачи со Турција, не оди!

Еден дебитант кој блесна – Борјан Маџовски! Крилото доби шанса и максимално ја оправда. Двете контри во првото полувреме за највисоките четири гола разлика на Македонија беа негови, од вкупно четири погодоци на мечот. Помогна во одбраната, а имаше и еден пресечен напад на противникот, од кој Македонија профитираше во второто полувреме. Шанса добија и Димитриоски и Танкоски, но неговата минутажа беше најголема и оправдано ги собра аплаузите од клупата, но и нашето задоволство од неговото деби.