Машката репрезентација на Македонија и официјално го завери својот пласман на ЕУРО 2020, откако со 25:26 (13:11) се радуваше над Турција во Ескишехир, во последното гостување од групата три во квалификациите.

Голманот Никола Митревски беше херојот на мечот кој го одбрани последниот удар на противникот и со тоа ја одбрани и честа и врвот во групата, со што Македонија од вториот шешир ќе ја чека ждрепката за ЕУРО 2020 на крајот на месецот.

Откако првото полувреме го заврши со два гола предност (13:11), Турција диктираше темпо користејќи ги грешките на Македонија, но и недоволно силната и агресивна одбрана. Разликата ја држеа од два до највисоки четири гола, 19:16, по кои Данило Брестовац реагираше со тајм-аут.

Сменивме и во одбраната, односно од 6-0 преминавме на 5-1, па тоа ни овозможи да изедначиме на 21:21 во 49. минута за неизвесна завршница. Митревски кој застана на голот врза две интервенции во низа, за прва предност, 21:22 по подолго време. Капитенот Лазаров ја превзема одговорноста (22:23, 23:24), а потоа Талески на минута ипол до крај и за 24:26.

Само во воведните 20-тина минути Македонија личеше на себе, со одлично отворање и на двапати и највисока предност од четири гола (3:7, 4:8). Но, по тајм-аутот на Турција (7:10), како се да тргна надолу за нашите момци. Серија од 5-0 ни направија Турците, не оставија без погодок нешто повеќе од седум минути и дојдоа до 12:10 на минута до крај, а потоа и со 13:11 замина на паузата.

Проблеми со организацијата на нападот, а и Озмусул со девет интервенции одлично го чуваше својот гол, додека на спротивната страна, Ристовски не беше на ниво на задачата, а ниту дефанзивната линија не делуваше сјајно. Немаме решение за Пеливан, кој со шест погодоци беше прв стрелец до полувремето.

Ротираше селекторот Данило Брестовац, и им даде доволно простор на Борјан Маџовски, Димитар Димитриоски и Марио Танкоски.