Оваа 2019 година дефинитивно ќе биде запаметена како историска за македонската машка одбојка, не само поради премиерниот настап на националниот тим на едно големо натпреварување – Европското првенство во септември, туку и поради фактот дека по апстиненција од десет години повторно ќе имаме машки клупски претставник во европските клупски купови.

ОК Вардар, третопласираниот тим во домашното првенство ја искористи шансата (со оглед на тоа дека шампионот Џио Струмица и финалистот Шутова не пројавија интерес) и пријави учество во ЦЕВ Челинџ купот за сезоната 2019/2020.

Интересно е што последен пат Македонија имала претставник во ЦЕВ клупските купови во сезоната 2008/2009, кога тогашниот шампион Работнички се натпреваруваше во Челинџ купот.

„Црвено-црниот“ тим уште на почетокот на годинава најави дека има високи амбиции и сериозни планови за во иднина, но иако не успеја да дојде до трофеите, ниту во првенството, ниту во Купот, остана доследен на своите определби за излез во Европа.