Неверојатни расплети на случувањата имаа селекциите на Црна Гора и на Србија во последните неколку дена. Во миговите кога Љубиша Тумбаковиќ одби да ја води црногорската селекција во дуелот против Косово, Србија го доживеа својот најкатастрофален пораз во историјата од Украина од 5:0.

И покрај тоа што пред неколку дена од српскиот фудбалски сојуз најавија дека нема да го менуваат Младен Крстајиќ, сепак, до тоа веројатно ќе дојде и тоа нов предводник би требало да биде токму Љубиша Тумбаковиќ.

Утре во 14 часот ќе има седница на Управниот одбор на која се очекува да биде изгласана смена на Крстајиќ. Веројатно претходно најавеното дека Крстајиќ ќе остане селектор беше со цел да не се наруши атмосферата на националниот тим пред дуелот со Литванија во квалификациите.

Тумбаковиќ беше фаворит за клупата на Србија неколку пати, меѓутоа никогаш не ја доби шансата. Инаку Крстајиќ во дресот на Партизан пред 23 години дебитираше токму под водство на Тумбаковиќ.