Поинакво е да се игра во репрезентациите од низок ранг составени претежно од аматери или полупрофесионални фудбалери. Такви екипи сонуваат за победа, за мал блесок, а далеку се од сонот за настап на Светско првенство. Статистиката вели дека 64% од репрезентациите членки на ФИФА никогаш не играле на Мундијал. Некои од нив се од држави со милионски жители.

Искусниот фудбалер Џејсон Робертс го пренесува искуството да се игра за националниот тим на Гренада. Се работи за островска држава на Карибите со само 107,000 жители. Најголемиот успех им е второ место на Карипскиот куп.

„Имав 19 години кога првпат дојдов да се запознаам со играчите на Гренада. На првиот тренинг со репрезентацијата еден од играчите му рече на селекторот: „Извини шефе, но морам да го напуштам тренингот за да ги измолзам кравите“, вели Робертс кој сега има 41. година.

„Многу од тие момци никогаш не го напуштија островот. Јас ја имав таа среќа да играм за неколку големи англиски клубови. Таму фудбалот е поинаков, нема систем, нема академии, нема клубови кои можат да те направат професионален фудбалер. Тоа се момци кои се фармери, градежници, земјоделци кои повремено играат фудбал. Не играат за Гренада за пари. Тоа е нешто слично како да играш за англиски петтолигаш или шестолигаш“, вели некогашниот фудбалер на Блекбурн Роверс.