Она што беше познато пред неколку недели сега е официјализирано. Велшкиот играч Даниел Џејмс потпиша петгодишен договор со Манчестер Јунајтед. Тој доаѓа од редовите на Свонси на инсистирање на тренерот Оле Гунар Солскјер.

Се работи за 21-годишен офанзивен фудбалер за кого Јунајтед плати 15 милиони фунти.

„Даниел е интересен млад крилен фудбалер, има квалитети, визија и добра работна етика. Имаше супер сезона во Свонси и секако сите потребни атрибути да биде фудбалер на Манчестер Јунајтед. Ова е перфектна средина за него. Тука може да се развива и да стане голем фудбалер“, вели Солскјер.

Даниел е роден во Беверли во областа Јоркшир, а како дете осум години тренирал во Хал Сити, а потоа заминал во Свонси.  Иако е роден во Англија игра за Велс поради својот татко кој е роден таму. Има четири настапи и еден гол за велшката репрезентација.

„Секое дете сонува да игра во Манчестер Јунајтед. Јас го остварив сонот“, вели Џејмс.