Откако стана јасно дека мечот меѓу екипите на Ваљадолид и Валенсија (0-2) бил наместен, првите луѓе на екипата на Жирона излегоа со официјално барање да бидат вратени во шпанската Ла Лига следната сезона.

Каталонците кои не успеја да изборат опстанок во текот на сезоната, тврдат дека Ла Лига треба да ги врати во елитата, макар и како 21 тим.

Ваљадолид треба да биде казнет со шест бода, а ако тие им бидат одземени од годинешното конто тоа значи дека Жирона треба да избори опстанок. Но бидејќи Ла Лига ќе ги казни со минус 6 бода во новата сезона, каталонскиот тим бара да влезат како 21. тим во лигата.

Жирона одлучи да се појави на суд по ова прашање за да побара отворање на досие до Комитетот за конкуренција на Шпанската фудбалска федерација. Жирона е заглавена во неизвесност за својата иднина, особено ако се земе предвид дека испаѓањето ќе ги чини загуба од околу 40 милиони евра.