По успесите во Лигата на Нации, по добрите игри и освени четири бода на мечевите со Летонија и Словенија на стартот од квалификациите за пласман на ЕВРО 2020 година, очекувањата беа големи од нашата најдобра репрезентација за овој јунски квалификациски циклус. Сепак два меча и два порази, од Полска 0:1 и од Австрија 1:4. Посебно боли оној вториот кога бевме целосно надиграни. Причина повеќе за да СПОРТМЕДИА направи мега – интервју со селекторот Игор Ангеловски.

-По изминати неколку денови, веројатно направена и анализа, навистина што се случи со Австрија?

„Па, се случи тоа да наидеме на квалитетен противник, противник кој не надигра во сите сегменти на фудбалската игра и затоа треба да му честитаме. Јас само би сакал да им се извинам на навивачите, затоа што навистина ни ја дадоа онаа потребна поддршка, знаеме како беше на мечот со Полска. Да кажам дека сум горд што ги „пробудивме“ фановите, имено мојот прв натпревар за репрезентацијата беше со Црна Гора кога имаше само десетици гледачи, кога никој во оваа држава немаше интерес за репрезентативниот фудбал, ние успеавме со мактрпна работа по 3.5 години да донесеме 25.000 гледачи со Полска и сите тие да дојдат за нас, да навиваат за нас и да направат супер атмофера. Тие дојдоа за Македонија, и јас им благодарам за тоа што дојдоа а им се извинувам што не ги израдувавме барем со еден позитивен резултат на овој двомеч. Со Полска заслуживме барем бод, со Австрија заслуживме само пораз“.

-Пред двата меча со колку бодови селекторот беше задоволен, посебно сега кога не успеавме да освоиме макар еден?

„Пред извесно време реков дека секој бод освоен против фаворитите за нас ќе значи двојно. Не успеавме да освоиме ниту еден бод и сега не можам да кажам со колку бев задоволен пред двомечот. Ќе кажам повторно, со Полска заслуживме бод, со Австрија не“

 

ЗОШТО СО АВСТРИЈА „ИСТРЧАВТЕ“ СО ФОРМАЦИЈА 4-4-2…

-Зошто со Австрија се решивте да играте во формација 4-4-2, иако познато е дека тоа не е ваша омилена формација, посебно ако се знае дека таа 3-5-2 со Полска добро функционираше?

„Првото полувреме го одигравме во формација 4-4-2, потоа се вративме на 3-5-2. На овој меч формацијата беше битна, но и други фактори беа многу битни. Наидовме на еден квалитетен противник, кој буквално не натрча, ги доби сите дуели на физички план, доминираше на теренот. Е сега зошто 4-4-2. Знаете дека останавме без Муслиу, и од причина да во средината имаме четири играчи кои се класични играчи за врска, ете затоа. Исто така не сум тренер кој сака да го претумбува тимот и доколку се одлучев за 3-5-2 требаше да вадам неколку играчи или да ставам некои кои не се на нивна природна позиција. Или пак да посегнам по други играчи а да тргнам некого кој со игрите заслужува да биде во составот. Јас направив само една измена, на местото на Муслиу шанса доби Адеми“.

-На пресот по мечот Мрме кажа дека не би менувал ништо, еве три дена по мечот дали важи истата констатација?

„Ако се вратиме назад секако дена нема да знаеме како ќе се одвиваат настаните. Јас овој состав го ставив во игра поради одличното издание со Словенија и сосема доброто издание со Полска. Да, повторно ќе почнев со тој стартен состав. Е сега ако Муслиу имаше право на настап тогаш ќе настапев со 3-5-2, како со Полска“.

СЕ СЛУЧИ ЛИ НЕШТО ВО СОБЛЕКУВАЛНАТА ПО МЕЧОТ

-Што се случи во соблекувалната по натпреварот, посебно ако знаеме дека репрезентативците излегоа многу лути, гневни, не сакаа да даваат ни изјави?

„Јас не дозволувам после пораз апсолутно ништо да се случува во соблекувалната, тогаш главите се „жешки“, може многу лесно да се каже нешто што не треба. Ние сме фамилија, убаво беше кога пеевме по тие победи и успешни резултати, сега и кога е тешко фамилијата е сложна. Треба да застанеме еден покрај друг, секако да ги согледаме слабите страни, почнувајќи од мене како селектор. Прво се анализирам самиот себе, каде јас погрешив, затоа што јас сум тој кој ја сноси одговорноста. Нормално на играчите не им беше сеедно, а на кој може да му биде. И сега не ни се виновни ни новинарите, ни публиката. Првиот виновник сум јас, но оставете ги момците, едноставно „пукајте“ по мене со критики. За тоа што не сакале да даваат изјави еве јас од нивно име се извинувам, но барам и од ваша страна разбирање. Тоа се моменти на нервоза“.

НЕ СЕ ПРЕДАВАМЕ ВО БИТКАТА ЗА ТОА ВТОРО МЕСТО

-Сега што по неуспешниот јунски циклус, имаме ли сега шанси за тоа второ место во групата Г. Дали имавме превисоки очекувања од оваа селекција?

„Тие превисоки очекувања јас ги наметнав. Можеби затоа сега како бумеранг се враќаат по мене. Но, ако. Јас сум човек кој не сака да биде алиби тренер и постојано летвичката на тоа што е успех ќе биде високо подигната кога јас сум во прашање. И порано и сега исто мислам. Без разлика што го имаме тој бараж меч со Косово во ЛН, без разлика на противниците во групата, ќе барам од играчите да се борат и преку оваа група да се пласираме на ЕВРО 2020. Ние сме на три бода од второто место, шансите се намалени, но не се загубени во целост и ако успееме да го надополниме на гости тоа што го изгубивме на домашен терен, можеме да се вратиме во игра за тоа второ место. Без разлика што на лице место се виде за какви квалитетни селекции станува збор. Но нема предавање, ќе барам од сите во репрезентацијата да влеземе во трка за тоа второ место. Не сум тренер кој што ќе каже добра е групата, убаво е да бидеме трети или четврти. Успех, и во иднина кога јас нема да бидам овде, е само првите две места во групата. И би сакал од сите кои ќе дојдат на мое место да се бара Македонија да се бори за ЕП или СП. Доста беше со тоа дека сме мали, дека ова, она…Целта јас ја поставив, а таа пласман на ЕП, дали преку ЛН или квалификациите. Да, сега трпиме критики, но најважно е што ќе се случи после март следната година“.

КОЈ ГИ „ПОТРОШИ КРЕДИТИТЕ“?

-Има ли некој од повиканите за овие два меча што не задоволи, кој што едноставно ги „потроши кредитите“?

„А зошто да ги потроши. Затоа што доаѓаат од операција да играат за Македонија, затоа што од повреди со скинати листови прават напор до последен момент да се стават на располагање. Како да ги потроши!? Нормално е дека за некои што не исполнил тактички замисли, дека некои што имал слаб ден или два слаби меча, дека ќе размислам за друго решение во тимот. И зошто да бидам разочаран од играчи кои на работ на исцеденоста доаѓаат за оваа репрезентација. Не, јас сум среќен што имам такви фудбалери. И да, еден лош ден не може да ја расипе големата слика која јас ја имам за тие играчи. Е сега да на набројувам, но познато е дека настапот на Алиоски, Несторовски, Трајковски, Адеми, Велковски, Елмас беше неизвесен уште пред извесно време и тоа поради повреди или операции“.

-Дали Ангеловски размислува за некои нови имиња?

„Во Македонија има 2 милиони луѓе кои може да набројат кој се треба да биде повикан. Но сите тие треба да покажат дека заслужуваат да бидат повикани. А нема да дадам коментар поединечно за тие имиња кои се набројуваат од вас новинарите, од јавноста и слично. Никој, ниту е избришан ниту пак некој кој доколку заслужи нема да биде повикан“.

-Мислиме на Коста Манев, на Стенио Жуниор и други кои би донеле освежување?

„Некоректно е сега јас да давам објаснување за имиња кои вие ги наброивте. Секој играч за себе си мисли дека е квалитетен, секој сака да игра за репрезентацијата. Но барем од таа страна будно следам што се случува во домашниот шампионат, но и го следам секој оној потенцијален играч кој би можел да биде потенцијал за репрезентацијата. Се е опсервирано, но дали ќе има нови, па да видиме, до септември има уште три месеци до следниот повик“.

КАЈ МЕНЕ НЕМА СТАТИСТИ

-Повикувани се 23 играчи. Кога Мрме ќе се сврти позади на клупата, има ли освен неколкумина, на некои навистина што може да смета во секој момент. Има поединци кои навистина засега само се статисти. Ретко, или никогаш не добиваат шанса. Зошто тогаш се повикувани. Тука на пример мислиме на Чурлинов, Тошевски, Илиев, Велкоски и други…?

„Вие наброивте четворица, еве јас ќе ви одговорам зошто ги повикувам. Крсте Велкоски е капитен на Сараево, двојна круна и еден од најдобрите стрелци во првенството. Дени Илиев, јас мислам дека поголема голманска надеж и играч на Арсенал ние немаме. Дарко Чурлинов, најдобар стрелец во младинската Бундеслига и играч пред кого е светла иднина. Кристијан Тошевски е стандарден и еден од најдобрите во Вардар. Е сега, еве со Австрија не влезе и еден Аце Трајковски, и да, ако сметам дека во моментот Чурлинов или Илиев, или Тошевски ќе дадат придонес, секако дека ќе им дадам шанса. Сметав дека Радески ќе одговори на задачата и затоа тој доби шанса на вториот натпревар. Радески доби шанса зошто Австрија не исфрли на половината, Несторовски тука е немоќен и сметам дека Радески со Пандев би можеле тој проблем да го решат. Но не успеавме во тоа. И да, нема статисти. Сите што се повикуваат можат во секој момент да го дадат својот придонес“.

 

-Во одредени моменти кога Пандев ќе биде „затворен“, имаме проблеми, тоа се виде во неколку наврати токму на овие два меча?

„Сите ние знаеме што значи Горан за нас, но тоа го знаат и противниците. Јас сметам дека имаме повеќе опции за да бидеме опасни, но на другите натпревари ако добро се сеќавате во минатото знаеме какви партии одиграа Елмас, Барди, како Алиоски одигра во Словенија, па Ристовски. Да, имаме опции и кога Пандев веќе нема да може да биде на теренот во иднина, или пак кога ќе го „затворат“ да бидеме опасни. Овде со Австрија бевме затворени како тим, со Полска не беше баш така. Горан во првиот дел што го одигра е поради фактот што не го затворија баш најдобро. Тогаш се ни одеше преку него, двата нивни стопери добија жолти картони, сите акции и шансите и полушансите беа преку него“.

-Одбраната на мечот со Австрија се виде дека е многу лоша, навистина лоша?

„Јас и како тренер и сега како селектор нема да кажам јавно кој е виновен или да ги делам „заслугите“ за тоа кој е виновен. Тимот победува и тимот губи. За да дојде таа ситуација до Бејтулаи и Велковски секако дека некој пред нив погрешил или не ја одработил својата задача. Ке кажам и ова. Од како сум јас селектор, овој меч со Австрија, оној со Иран и со Шпанија прво полувреме во Скопје, сме биле така тотално надиграни. За овие 3.5 години откако сум јас селектор само на овие три сме биле фудбалски инфериорни. Ниту еден друг противник не не надиграл, па ни Италија или некои други“.

СФАТИ ЛИ НЕШТО АНГЕЛОВСКИ ОД ОВИЕ ДВА МЕЧА?

-Дали после овие натпревари со Полска и Австрија селекторот Ангеловски сфати дека некои работи треба да се менуваат?

„Јас сум прв тој што грешките си ги бара кај себе. Секогаш си се анализирам себе си. И без разлика од кого доаѓаат тие коментари и критики, кои се добронамерни, ако мислам дека е добро секако дека ги прифаќам. Секако дека и во овој случај ќе биде исто. Лично сум самокритичен и сметам дека ако некои работи може да помогнат во подобрување на квалитетот на репрезентацијата, секако дека ќе го применам“.

-Кој е иделниот тим на Мрме?

„Не би можел да кажам, иако блиску е до тоа оној тим што играше со Словенија и Полска. Иако кога сите би биле здрави е тогаш би можело да има и измени што е нормално. Тој идеален тим зависи и  од повредите. Ја немам таа среќа да можам да сметам на сите па сега да го барам идеалниот тим“.

-Ги следите настапите на Косово, нашиот ривал кој блеска во моментов, како ја коментирате фантастичната форма на нашиот ривал во баражот во Лигата на Нации?

„Сега засега не ни размислувам за Косово. Секако дека ги следам натпреварите. Искрено не сум изненаден од нивната добра форма, јас кажав дека ако играме после Лигата на Нации со Косово во тој момент, на ваше прашање, реков дека Македонија во тој момент би била во предност. А после 1.5 година мислам дека Косово ќе биде во предност од причина што млади играчи кои добиваат право на настап ја зголемуваат конкуренцијата во таа репрезентација. Сега оние се во еуфорија, ние бевме во еуфорија а сега Австрија не спушти на земја, така да има време до тогаш. До март некои работи секако дека ќе се променат“.

 

-Од надвор вака може да се забележи дека ФФМ го дава својот максимум да и се овозможат на репрезентацијата идеални услови?

„Во право сте. Не можеме никако да се пожалиме. Навистина Федерација на чело со г. Муамед Сејдини ни овозможува одлични  услови за работа. Затоа ние и во иднина ќе го даваме максимумот да ја оправдаме довербата и секако, нивната посветеност околу А селекцијата“ рече на крајот селекторот Игор Ангеловски – Мрме.