Машкиот национален тим денеска патува за Струмица и ќе има два дена за аклиматизација во салата „Парк“, каде в недела (18 часот) ќе ја пречека Грција во последниот натпревар од квалификациите за ЕУРО 2020.

Селекторот Данило Брестовац има еден куп здравствени главоболки, па и натаму се прават комбинации за ликот на тимот со кој ќе се истрча против јужниот сосед.

Она што е сигурно е дека Брестовац нема да смета на Дејан Манасков, Стојанче Стоилов и Милорад Кукоски, се уште е под знак прашалник ситуацијата на Велко Маркоски, додека во тимот дополнително е повикан Дарко Димитриевски.

Натпреварот меѓу Македонија и Грција в недела е важен за нашиот национален тим за да го потврди првото место во групата три, кое ќе не смести во вториот шешир на ждрепката за ЕУРО 2020 на 28 јуни, а истовремено ќе значи и израмнување на сметките за оној болен пораз од октомври минатата година во Кожани.