Кошаркарите на Црвена Звезда дојдоа до предност од 2-1 во финалната серија против Партизан вечерва во „Пионир“, а дуелот беше проследен со ненормални услови за игра, поради високите температури, како и поради жешката атмосфера и на теренот и на трибините.

Епилогот беше победа на Црвена Звезда, која имаше и контрола во текот на целиот меч (на моменти и двоцифрена предност), а Партизан своите шанси ги прокоцна на 85:83, каде трагичар беше екс-играчот на „црвено-белите“, Никола Јанковиќ, кој прво направи фаул за три слободни фрлања, а потоа не погоди два такви шута на спротивната страна.

Победата на Црвена Звезда ја „зачини“ дивеењето на фановите на трибините, поради кои судиите неколкупати го прекинуваа мечот и ги празнеа првите редови од партерот, а ситуацијата ескалираше со инцидент по мечот, кога играчот на Партизан Раде Загорц беше погоден со тврд предмет. Капитенот на „црвено-белите“ Новица Величковиќ влезе во вербален дуел со домашните навивачи, а директна пресметка беше избегната по интервенција на неговиот соиграч Ѓорѓе Гајиќ.