Со толку многу емоции, желби и мотиви македонските ракометни љубители ќе го очекуваат попладневниот меч меѓу Македонија и Грција, последен во квалификациите за ЕУРО 2020.

Македонија веќе има обезбеден билет за континенталниот собир, но попладнево во Струмица има неколку други моменти кои треба да се дефинираат. Првиот и најважниот е дека победа над јужниот сосед денеска ќе не задржи на лидерската позиција во групата три што значи дека од вториот шешир ќе ја чекаме ждрепката за противниците од групната фаза за ЕП во јануари.

Вториот момент е „чистата сметка“ односно да се врати „мило за драго“ на Грците за оној болен пораз во Кожани. Како  тогаш, така и сега ние сме фаворити, но тоа мора да се потврди со играта на теренот, со пристапот, ангажманот и пожртвуваноста. Дали сакаме ние да признаеме или не, ракометарите се оние со кои се поистоветуваме и преку кои сакаме да ја покажеме националната гордост и вредност.

Данило Брестовац беше принуден да направи неколку промени во тимот, па микс на младост и искуство е она што треба да и застане на патот на Грција, која во Струмица доаѓа исто така со надежи затоа што брка едно од местата како најдобро третопласирана екипа да се најде на ЕП.

Македонија пред своите фанови не потклекнала пред Грција, а искрено се надеваме дека така нема да биде ниту денеска и дека нашите херои ќе покажат дека Турција беше само една лоша епизода и дека со голем стил ќе го најават своето шестто патување на ЕП.

Натпреварот меѓу Македонија и Грција се игра попладнево, 18 часот, во салата „Парк“ во Струмица, а ќе има и директен ТВ пренос на Телма.