Уште една сезона во Лигата на шампионите во знакот на Вардар, а тоа го признава и ЕХФ, која го смести неговиот чувар на мрежата Дејан Милосављев на првото место на листата најдобри одбрани за сезоната 2018/2019.

Милосављев и Калифа Гедбан се единствените двајца голмани кои може да се пофалат дека имаат по две интервенции во топ-20 сезонава.

Србинот, дефинитивно го одбележа дебитантискиот настап во елитата со сјајни одбрани, а беше именуван и за дел од ол-стар тимот. Тој одигра клучна улога и во финалето на Ф4 во Келн против Веспрем, а токму неговата одбрана во финишот на мечот (при резултат 25:23), кога го запре зицерот на Благотиншек и стави до знаење дека Вардар повторно ќе седне на европскиот трон е оној што е именуван за најдобар.

Уште една одбрана на Милосављев се најде на листата, на 8. место од дуелот во групната фаза против Барселона во Скопје.

Алжирецот, пак, ги отвори топ-5 со одбраната со глава во финалето на Ф4 против Веспрем, кога го запре зицерот на Нилсен. Претходно Гедбан се најде и на 12. место со уште една интервенција.