Големата афера за наместени натпревари која се уште ја тресе Шпанија, почна да вади метастази и во Италија. Како што објави угледниот „Ел Паис“, еден од првообвинетите во големата афера со местење средби во шпанската Ла Лига, поранешниот фудбалер Карлос Аранда, заедно со еден од лидерите на мрежата Раул Браво, почнале да формираат мрежа и за местење средби во италијанското Калчо.

Имено, Аранда почнал да врбува близок соработник со италијанско потекло за да подготвува терен за поткупување играчи за местење на резултатите од италијанската Серија А. Извесниот Матја М., роден во Рим и кој бил привремен жител на Малага, се смета за наводен “посредник”  меѓу лидерите на шпанската организацијата и играчи во неколку клуба во Италија.

Во прв ред се истакнуваат неколку играчи од Фрозиноне, кој оваа сезона ја заврши на претпоследната позиција на табелата. Италијанскиот контакт на Аранда обезбедил контрола преку трето лице, најверојатно агент на три или четири играчи од Фрозиноне. Истрагата допрва треба да потврди колку длабоко оваа афера навлегла и во Серија А лигата.