Леополдо Жакинто Луке, светскиот шампион со Аргентина од 1978 година упати критики на адреса на фудбалерите во националниот тим кој се посрамоти на стартот на Копа Америка со поразот од Колумбија. „Гаучосите“ кои во своите редови имаат брилијантни фудбалери, никако да заиграат тимски, па се брукаат со несфатливи порази и киксови.

Претходно Марадона ги искритикува со зборовите дека оваа селекција на Аргентина во моментов е послаба и од селекцијата на Тонга, а сега се надоврза и Луке.

„Овој Ди Марија или го изнајмил или го купил местото во репрезентацијата. Нема друго објаснување зошто го викаат кога игра лошо. Одамна не сум видел добар настап од него. Нема продори по страна, ниту по средина, нема нафрлувања, ниту успешни пасови, а дава малку голови“, вели Луке за играчот на Пари Сен Жермен.

„Меси ме воодушевува понекогаш со убавата игра и головите, но има моменти кога ништо не му оди и нема решение. Можеби Меси има супер карактер, но не знае да го покаже кога игра за Аргентина, а неговите соиграчи многу малку да не речам ич не му помагаатда дојде до израз. За разлика од него Марадона на пример имаше силен карактер и не само што ги водеше своите соиграчи туку ги решаваше дилемите набрзина“, изјави Луке кој додава дека приоритет на секој играч треба да му биде националниот тим, а ако не мисли така нека си седи дома и нека не доаѓа.