Финалистот на Купот на Македонија и петопласираната екипа во македонскиот шампионат Македонија Ѓорче Петров за првотивник во првото квалификациско коло на Лигата на Европа го доби ерменскиот Алашкерт. За нас тотална непознаница, меѓутоа доволно е да се каже дека е актуелен освојувач на ерменскиот Куп, а во изминатите четири години три пати беше шампион на Ерменија.

Формиран е во 1990 година, а од 2013 година стандардно игра во најсилната ерменска лига. Минатата сезона заврши на четвртата позиција, а претходно трипати по ред беше шампион.

Тренер е Абрахам Кашманјан, поранешен селектор на младата репрезентација на Ерменија, а оваа година трет пат седнува на клупата на овој клуб.

Боите на оваа екипи ги бранат пет српски фудбалери: Огњен Цанцаровиќ, Младен Зељковиќ, Даниел Стојковиќ, Данило Секулиќ и Урош Недановиќ. За оваа екипа играат и двајца руски интернационалци од кои едниот е ветеран, Александар Прудников некогашен фудбалер на Спартак Москва, Динамо Москва, Рубин, Анжи и Амкар Перм.

До пред неколку месеци за овој клуб играше и Артак Дашјан, поранешниот фудбалер на Вардар кој сега е во Банантс.

Игра на стадионот Алашкерт во Ереван со капацитет од 6,800 места.

Ова им е петта сезона во Европа, а најголемиот успех го направија минатата кога стигнаа до 3.квалификациско коло на Лига Европа. Лани во квалификациите на ЛШ налетаа на Селтик и двапати изгубија со по 0:3, па се преселија во ЛЕ и прво ја елиминираа Сутјеска, па беа елиминирани од романски ЦФР Клуж.