Ајакс и Баер Леверкузен склучија договор според кој левиот бек на холандскиот шампион Дејли Синкгравен премина во редовите на Бундеслигашот за пет милиони евра. 23-годишниот фудбалер изминатата сезона за Ајакс одигра само девет натпревари во холандскиот шампионат и два во Лигата на шампионите. Тој не е во плановите на тренерот Ерик тен Хаг за новата сезона, па даде дозвола за продажба.

Ајакс ќе инкасира само пет милиони евра, а Синкгравен потпиша со Баер договор до 2023 година. За германскиот клуб ова е трето засилување во летниот преоден рок откако ги донесе Кемир Демирбај од Хофенхајм и Муса Диаби од ПСЖ. Вкупната сума што ја потроши досега е 52 милиони евра. Клубот го напуштија Јулијан Брант (замина во Борусија Дортмунд) и Торстен Киршбаум кој како слободен прејде во Венло.