На денешната конференција на клубовите од Суперлигата, РФМ побара мислење од клубовите за предлози за изгледот на најсилната машка лига од сезоната 2020/2021, односно главните промени се однесуваат на враќање на клубовите кои се дел од СЕХА-лигата во регуларен систем на домашно првенство, како и за намалување на бројот на учесници во Лигата.

Ваквото размислување се должи како на промените во СЕХА-лигата, која со новиот систем го намали бројот на натпревари, и фактот дека скоро сите екипи кои се дел од Регионалното натпреварување веќе се вратени во редовното национално натпреварување. Исто така и ЕХФ воведува промени во Лигата на шампионите и европските клупски купови, кои исто така директно или индиректно може да влијаат на нашите клубови.

Предложено е и намалување на бројот на учесници во Суперлигата, а како причина за тоа е наведен фактот дека последните два-три клуба неколку години наназад не може да го следат чекорот со другите ниту по квалитет, ниту финансиски, а она што РФМ го сака е Лига еднаква по квалитет за сите

Ова се опции на кои клубовите треба да размислуваат што е најприфатливо за нив и за ракометот и да излезат со свои предлози на Редовното годишно собрание во февруари следната година.