Не помпезно како Еден Азар, туку скромно Реал Мадрид го престави другото летно засилување Ферлан Менди кој стави потпис на шестгодишен договор. Тој доаѓа од Лион за трансфер вреден 48 милиони евра.

Левиот бек е среќен што ќе игра за најголемиот клуб на светот и што ги поминал големи предизвици во животот со оглед на тоа дека на 11 години останал без татко, потоа извесен период бил во инвалидска количка поради операција предизвикана од артритис и не знаел дали ќе може да продолжи да игра фудбал.

„Кога имав 15 години имав операција на колкот. Ми рекоа дека нема да можам да играм фудбал повеќе. Извесен период поминав во инвалидска количка, па уште шест-седум месеци во болница, па рехабилитација, повторно учев да одам. А сега сум во Реал Мадрид“, вели Менди кој му се приклучил на Лион во 2017 година од францускиот второлигаш Ле Авр.

„Не ми се веруваше кога ми кажаа дека Реал ме посакува. Се изненадив. Но како што поминуваше време тие се почесто прашуваа за мене и ете се оствари трансферот. Мислам дека Реал може многу да ме научи за фудбалот и за животот. Сакам да освојам многу титули со Реал Мадрид“, изјави францускиот бек.