Во возбудлив дуел во „Бело Хоризонте“ Аргентина и Парагвај одиграа без победник (1:1), а „гаучосите“ можат да бидат задоволни со овој бод со оглед дека противникот промаши и пенал во второто полувреме за водство. Иако во своите редови имаат врвни фудбалери она што го играат заедно не личи на ништо. Нема план, нема идеја а не пак нејзина реализација, а некои потези на селекторот не можат да се објаснат. Едноставно оваа Аргентина игра див фудбал, препуштена на индивидуалноста и случајноста. Чекори на работ, а често пати паѓа. Едноставно, како што ја нарекоа аргентинските медиуми – дива екипа.

Парагвај поведе во 37. минута кога фантастичната аккција на Алмирон со гол ја заврши Ришард Санчез. Играчот на Парагвај ги претрча сите играчи по десната страна нафрли на пеналтикот, а таму Санчез погоди.

Интересен момент се случи пред крајот на првото полувреме кога Парагвајците бараа исклучување за аргентинскиот голман Армани поради прекршок на 40 метри од голот, но судијата му покажа само жолт картон.

На почетокот на вториот дел селекторот на Аргентина Лионел Скалони реши да заигра со тројца во нападот (Меси, Лаутаро и Агуеро), па во 57 минута Меси погоди од белата точка откако претходно еден  парагвајски фудбалер играше со рака. ВАР системот го потврди пеналот.

Само пет минути подоцна судијата покажа пенал за Парагвај. А Аргентинците го избегнаа овој удар, затоа што голманот Армани му го одбрани шутот на Дерлис Гонзалез.

Аргентина по поразот од Колумбија во првото коло, сега ќе мора да оди на победа против Катар за да пројде во нокаут фазата.
А во оваа група Колумбија го осигура првото место со победата над Катар со 1:0. Голот за победа го постигна Дуван Запата во 85 минута од мечот.