Случајот кој ја крена руската спортска јавност и министерството за внатрешни работи на нозе е заклучен со среќен крај. Руската маратонка поточно светска шампионка во планиско трчање Елена Рикљад беше пронајдена жива и здрава откако немаше трага ни глас од неа речиси два дена. Таа била пронајдена во шума во близина на градот Новосибирск, а информацијата ја потврди руското министерство за внатрешни работи појаснувајќи дека спортистката била киднапирана и објасни што се случило.

Се започнало по пријава на нејзината другарка. Поранешниот сопруг на Елена, Јарослав Фокин провалил во станот во која таа живеела по разводот. Тој и се заканил со нож, ја врзал, ја тепал, па ја ставил во вреќа и потоа во багажникот од автомобил и потоа ја однел во шума покрај реката Об. Спремил брод да ја премине реката за да стигне до селото Бибик, некаде 30 километри од Новосибирск. Тука полицијата го фатила киднаперот во заседа.

Полицијата ја лоцирала ждртвата по ГПС сигналот на мобилниот телефон. Фокин заборавил да се ослободи од телефонот па така „паднал“ во рацете на полицијата.

Фокин и Елена биле во брак четири години па се разделиле. Фокин е поранешен припадник на специјалните полициски сили. Се разделиле поради насилното однесување на Фокин и судскиот процес околу старателство врз децата.