Екипата на МЗТ Скопје и следната сезона ќе биде дел од АБА2-лигата, откако управата на клубот реши да ја прифати поканата за настап во оваа конкуренција која следува како шампион на Македонија.

“Ова ќе биде наша втора сезона во ова натпреварување, во која ќе дадеме сѐ од себе да отидеме еден чекор понапред од годинава, во однос на обезбедување место кое би нѐ вратило во јадранската елита. Лигата минатата сезона се покажа како квалитетна, со многу сериозни противници, што секако е идеално место за спортско усовршување, пред сѐ на младите таленти во нашиот состав.

МЗТ Скопје Аеродром минатата сезона играше во финалето од ова натпреварување, кое за првпат беше во плејоф-формат против Сикст Приморска, а потоа немаше среќа во бараж-пресметката против Задар, во која Џејмс Вудард во вториот меч имаше шут за враќање во АБА-лигата, кој за жал не успеа да го реализира”, соопштија од таборот на шампионот.

Со ова известување МЗТ Скопје ја потврди најавата на” СПОРТМЕДИА” дека нема да настапува во Лигата на шампионите на ФИБА.