По вчерашниот пораз на мечот со Славија Софија од 3:2, освојувачот на Купот на Македонија, Академија Пандев, на денешниот контролен меч во Разлог, Бугарија, против екипата на Академика Клинчени од Романија одигра без победник, 1:1. Во меч во кој и двата тима одиграа солидно, Романците поведоа со гол од белата точка во 23. минута на средбата преку Богдан Барбу.

Со овој резултат се замина на пауза, но на стартот на вториот дел Академија Пандев успеа да дојде до израмнување на резултатот со голот на Александар Мишов во 56. минута. До крајот на средбата не видовме нов погодок, но затоа во финишот имаше црвен картон за струмичани кои средбата ја завршија со играч помалку.

За Академија Пандев преостануваат уште две пријателски натпревари, против Теута Драч во четврток и против Витоша Бистрица во сабота.