Грчкиот кошаркар во редовите на Милвоки Јанис Адетокумбо е прогласен за најкорисен играч во изминатата НБА сезона, додека словенечкиот репрезентативец Лука Дончиќ ја однесе титулата за најдобар руки, односно новак во најсилната кошаркарска лига во светот.

Јанис во трката за МВП на сезоната 2018-19 ги победи Џејмс Харден и Пол Џорџ и стана само вториот кошаркар од Европа кој е прогласен за најкорисен во НБА лигата (прв е Дирк Новицки). Тој одигра 72 натпревари и во просек бележеше по 27.7 поени, шест асистенции и 12.5 скокови. Со тоа Адетокумбо го предводеше Милвоки до првото место во Источната конференција.

Јанис зборуваше емотивно и се расплаче. Им се заблагодари на тренерите, соиграчите и на својот татко Чарлс кој починал во септември 2017 од срцев удар.

Дончиќ ја освои наградата за дебитант убедливо. Освои 98 од можните 100 гласови и го победи Треј Јанг од Атланта. Просекот на Лука е: 21 поен, шест асистенции и осум скокови на меч.

Инаку Американците претрпеа сериозен удар на кошаркарки план затоа што титулата ја зема канадска екипа – Торонто Репторс. И другите награди заминаа кај играчи од странство.

Французинот Руди Гобер е прогласен за најдобар дефанзивец, а Камерунецот Паскал Сикам за играч кој најмногу напредувал. Третпат во кариерата Лу Вилијамс ја добива наградата за најдобар играч од клупата, а најдобар тренер е Мајк Буденголзер од Милвоки.

Наградата за животно дело им припадна на Меџик Џонсон и Лери Бирд, додека наградата „момент на сезоната“ ја однесе Дерик Роуз од Минесота и неговите 50 поени против Јута.