Раководството на тетовци, барем засега, му кажа едно големо „НЕ“ на МОЛ Види и ги одби тие 500.000 евра за трансферот на Висар Муслиу во таборот на унгарскиот вицешампион. Се мереше, се анализираше, се правеа разни комбинации, но на крајот победи здравиот разум, победи логиката и пред се победи гладот за уште еден европски успех на нашиот шампион. Повеќе од јасно е дека тој трансфер од 500.000 евра за најдобриот фудбалер моментално во нашата Прва лига, ќе беше еден од најголемите во нашата фудбалска историја, кога станува збор за наш играч од наш клуб. Од друга страна јасно е дека без Муслиу екипата на Шкендија не може да ги оствари своите желби и амбиции за ова европско лето.