Од вчера Струга Трим Лум и официјално е во „погон“. На игралиштето на Радолишта ги стартуваше подготовките. За тоа што ја чека оваа екипа ова лето, но и за тоа какви се амбициите на клубот, СПОРТМЕДИА разговара со Јетон Беќири, шефот на струката на стружани…

„Како прво да кажам дека е предизвик да се биде тренер на Струга Трим Лум, екипа која оваа сезона ќе го има своето деби во нашата фудбалска елита. Секако дека е рано за искажување на желби, но нашите амбиции се во првата сезона од клубот да направиме стабилен прволигаш, односно да се обезбеди опстанок а потоа ќе одиме чекор по чекор“ вели Беќири.

КИРОВСКИ, ЃУРИЌ, РАМАДАНИ… ЌЕ ИМА УШТЕ ЗАСИЛУВАЊА

За такво нешто секако дека се потребни и адекватни засилувања…

„Да, да, апсолутно. Ние тоа го знаеме, не е исто да играш во Втората лига – Запад и во ПМФЛ. Токму затоа посакуваме и имаме намера да се засилиме со 5-6 квалитетни прволигашки играчи. Првите тројца ги доведовме, тоа се Христијан Кировски, Емран Рамадани и Урош Ѓуриќ. Секако дека во моментов се преговара со уште неколку имиња. Сакаме да создадеме тим кој што мора да одговори на прволигашките предизвици“ потенцира стратегот на Струга Трим Лум.

ПРВИТЕ „ТЕСТОВИ“ СО ФОРИНО, ГОСТИВАР, СИЛЕКС…

Веќе од почетокот на јули момците на Беќири ќе почнат и со одигрување на првите пријателски мечеви.

„За да подготвени ја дочекаме сезоната секако дека ќе ни бидат потребни 6-7 пријателски мечеви, најмалку. Првите три се веќе договорени. На 3 јули играме со Вардар Форино, потоа на 8 јули со Гостивар, а на 13 со екипата на Силекс“.

ОД 16 ДО 27 ЈУЛИ ВО БАНСКО

Како и поголем дел од нашите прволигашки екипи, така и Струга Трим Лум главниот дел од подготовките ќе го одработи во Банско (Бугарија).

„Сметаме дека во Банско ќе ги имаме сите услови за работа, токму затоа и се решивме да одиме во Бугарија. Во овој познат спортско – туристички центар, ќе престојуваме од 16 до 27 јули и во тие дванаесет денови ќе настојуваме да ја достигнеме потребната форма со засилени тренинзи и се разбира, одигрување на пријателски натпревари“ заврши Јетон Беќири.