Иако првичните најави беа дека Шкендија, односно стратегот Ќатип Османи, ќе мора без Стенио Жуниор да му се спротивстави на Номе Калју, сепак последните вести говорат дека „кариоката“ е во трка со времето. Имено неговата повреда на прстот се уште го мачи, но посветеноста во работата, посебно во „теретана“, на Стенио, дава надеж дека сепак до 9 јули ќе биде фит, или барем за 16 кога е реваншот од 1.квалификациско коло во Лигата на Шампионите. Интересно е тоа што додека неговите колеги се во Словенија, еден од најдобрите играчи на нашиот шампион собира сила на планините над Тетово.

МУРАТИ ИМА ПРОБЛЕМ СО ПРИМИЦАЧОТ

Мевљан Мурати не настапи на мечот со Фастав Злин, втор од подготовките во Словенија, на кој Шкендија беше поразена. Како што велат од клубот десниот бек има проблем со примицачот, но сега е се во ред и тој вредно тренира и секако дека ќе биде фит за тоа што ја чека екипата во следните денови.