Во премиерната сезона како дел од СЕХА-лигата и Лигата на шампионите, Стевче Алушовски и ракометарите на Еурофарм Работник нема да остават ништо на случајност.

„Фармацевтите“ ги дефинираа подготовките за новата сезона, а Алушовски на 22 јули во Битола ќе прозива, а потоа екипата заминува во Маврово на подготовки. Глазурата на формата екипата ќе ја има на два подготвителни турнири – Струга и Добој.

Еурофарм Работник по третпат во својата историја ќе учествува на турнирот во Струга, кој е закажан од 13 до 17 август, а противниците ќе бидат познати следниот месец.

Три дена подоцна, односно од 20 до 24 август „фармацевтите“ ќе учествуваат на турнирот во Добој, заедно со домаќинот Слога Добој како и Извиѓач од БиХ, словачкиот првак Татран Прешов, Војводина од Србија, потоа Пекинг Спорт Универзитет од Кина, Шартр од Франција и Криен од Швајцарија.