Изминаа точно 12 денови од стартот на официјалниот дел од преодниот рок. И ништо, мртво, нема „бомби“, бадијала најавите, бадијала шпекулациите кој доаѓа, па овој тој го бара, па ова, па она. Ништо. Некој ќе каже рано е, има време, е па не е баш така. Четирите клубови кои ќе не претставуваат во Европа, реално се послаби од лани. Прашање е зошто Шкендија тактизира, анализира.

Оние презентации на играчи кои во некои други времиња медиумите не ги ни споменуваа, сега се „главни“ фраери. Едноставно нема пари, тоа е.

НЕОФИЦИЈАЛНО ДРИТА ГО „КУПИ“ ЕМИНИ СО 50.000 ЕВРА

Нам никој не ни виновен, но затоа Косово знае да го искористи тоа, така и треба. Знае да го „ремети“ трансфер пазарот во Македонија. Па така, иако неофицијално, се говори дека Дрита Гњилане на Изаир Емини му понудила годишен договор до 50.000 евра плус бонуси. Не чини за Шкендија, но затоа чини за косовскиот тим. Потоа ова лето во Косово заминаа и Бесмир Бојку, Мухамед Усеини, Џелил Абдула. На пат тоа да го сторат се и Рон Броја, Алтин Лога, Бујамин Асани. Додека тренерот Џенгис Реџепи им се придружи на нашите стратези Зекирија Рамадан и Ардијан Нухиу.

Јасно е дека во Косово се оди за пари, пак ќе речеме, нам никој не е ни виновен што некои наши прволигаши нудат годишни договори на играчи од 3.000 до 5.000 евра, годишно, да нема забуна.